Коста Солев Рацин (1908 - 1943) е една од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на македонската литература, но Рацин беше многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни - неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се става во заднина, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.
Имено, Рацин не беше само добар поет, туку и добар прозаист и добар теоретичар. Неговите написи за богомилите, за Хегел и за феминизмот се вистински ремек дела за тогашната македонска комунистичка и напредна сцена. Тој целосно беше над карактеристичниот „комунистички стил на теоретизирање“ препознатлив преку тирадите со безбројни етикетирања и апотеози на лидерите, нешто што во Македонија и многу подоцна беше вистинска реткост. Во иста насока е и следниов став на Блаже Конески: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник - грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“
Коста Солев е роден во Велес на 22 декември 1908 година во семејството на Марија и Апостол Солеви. Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во грнчарската работилница на татко му, во1918 година беше принуден да го напушти редовното школување и да стане грнчар. Сепак, неговата желба за учење беше голема и тој продолжува да се самообразува.
Во 1924 станува член на СКОЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежни млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во 1926 Рацин станува член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес, а во ноември 1928, како единствен делегат од Македонија, учествува во работата на Четвртиот конгрес на партијата во Дрезден. Причината зашто токму Рацин беше испратен за делегат е неговото работничко потекло, на што во тоа време инсистираше Советскиот Сојуз гледајќи во тоа гаранција за класната чистота на комунистичките партии. Колку се инсистираше на овој елемент во тоа време зборува и фактот дека на овој конгрес во ЦК на партијата од 14 членови 12 беа работници, при што и Рацин беше избран во ЦК.
Рациновото влегување во врвот на КПЈ се совпаѓа со периодот на растечка сталинизација во комунистичкото движење. И Рацин, како дел од раководниот ешалон на југословенските комунисти не можеше да остане настрана од тој тренд. Во 1930 во сараевското списание „Снага“ е објавена Рациновата песна „Кон челичната машина“, посветена на „предводникот на интернационалниот пролетаријат“ и „таткото на народите“ според комунистите - односно, на Сталин. Во време на Титовата Југославија и денес оваа песна не се толкува така, но целата песна, која почнува со стихот „Тебе другар те славиме, добар другар Челик“, едноставно е несфатлива ако под „другар Челик“ не се подразбере човекот чиј прекар беше Челик - што ќе каже, Сталин лично. Сепак, она што Рацин го прави голем е што пандани на „Кон челичната машина“ повеќе не произлегоа од Рациновото перо.
По воведувањето на диктатура во Југославија во 1929, партиската организација во Македонија беше целосно разбиена. Дури во 1932 започна процесот на обновување и поврзување на организациите на КПЈ и СКОЈ во Македонија, а во летото 1933 дојде и до формирање на Областен комитет на КПЈ за Македонија, во чиј состав влегоа: Никола Оровчанец, Живоин Ѓурчиќ и - Кочо Рацин. Од ноември истата година ОК почна да го издава месечниот весник „Искра“, чиј уредник беше Рацин, но кој излезе само во два броја. На почетокот на јануари 1934 настана провала и 15 водечки македонски комунисти, вклучително и Рацин, беа уапсени. Од таа година до 1936 Рацин ја одлежува својата затворска казна во Сремска Митровица.
Во 1940 дојде до нарушување на односите помеѓу Рацин и раководството на КПЈ во Македонија. Поради посетата на Рацин на Александар Цветковиќ, тогашен бан на Вардарската бановина и поради една критичка изјава на Рацин на сметка на работата на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија одржана во септември 1940 (на која Методија Шаторов - Шарло беше избран за секретар на ПК КПЈ за Македонија), Рацин едногласно беше исклучен од Партијата и на членовите на Партијата им беше наредено да го бојкотираат. Бојкотот траеше некаде до почетокот на 1942 кога односите помеѓу Рацин и раководството на Партијата во Македонија се подобрија.
Во пролетта 1943 година Рацин заминува во партизани, во одредот „Кораб“. Станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на македонски народни песни.
Рацин го завршува животот на трагичен начин. Една вечер, додека се движел кон партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, беше смртоносно застрелан од стражарот што го чуваше пристапот кон печатницата. Во оптек се две верзии околу неговата смрт. Според првата, се работи за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија тој е намерно убиен.
Рацин беше човек полн со оптимизам, дури и во тие опскурни 30-ти години на 20-от век, кога и во Југославија и во светот како целина левицата преживуваше тешки денови. Неговите партиски другари добро го паметат неговото „ќе победиме“, со кое ги поздравуваше и храбреше во многу прилики. Дури и неговите последни зборови кога беше застрелан на Лопушник беа: „Кажете и' на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“
Рацин започнува да пишува во 1928 година. Од таа година датира неговата младешка љубов кон Рахилка Фирфова која го инспирира да ги напише своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Есента истата година ги објави и своите први, социјални, песни „Синови на градот” и „Резултат” во загрепското списание „Критика“. Следните свои песни ги објави во 1930 година во сараевското списание „Снага” каде што ги објави „Од фабриката”, „Во предвечерието”, „Да се биде човек“ и веќе спомнатата „На челичната машина“. Во периодот околу 1931 година го започнува својот роман „Афион” од кого се сочувани само фрагменти, а во 1932 година во загрепската „Литература” го објавува есејот „Хегел”. Истата година заедно со Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ ја издаде стихозбирката „1932“, во која е објавена една од Рациновите најсилни песни „Огномет”.
Песната „До еден работник”, прва на македонски јазик, ја објави во загрепското списание „Књижевник”, по излегувањето од затвор, а во 1939 година во Самобор близу Загреб ја печати стихозбирката „Бели мугри” во 4.000 примероци и ја растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија.